Skip links

Повик за креирање на едукативни активности за игра и учење во домашни услови наменети за деца од 3 до 10-годишна возраст

Како резултат на вонредната состојба предизвикана од COVID-19 и прекинот на воспитно-образовната програма, СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, заедно со своите партнери, во изминатиов период неуморно работеше на развојот на нови функционалности на Едуино, националната веб-платформа за образование. Една од новите функционалости коишто платформата ќе ги понуди е и отворената библиотека со активности и игри за деца од 3 до 10 години, наменети за игра и учење во домашни услови. Со цел обезбедување што е можно поголем број на активности, а со тоа и што е можно повеќе среќни деца, ја бараме поддршката од креативните едукатори и родители ширум државата! За сите детали и информации, Ве молиме да го прочитате целиот повик, којшто содржи технички и содржински насоки. (Истиот повик на албански јазик ќе го најдете на следната врска.)

Која е инспирацијата за овој отворен повик?

Имајќи предвид дека овој распуст и летен период ќе биде поразличен за сите деца и со цел да поставиме што е можно повеќе достапни материјали, решивме да иницираме отворен повик за креирање на едукативни активности според однапред утврден шаблон и насоки. Се надеваме на вашата поддршка и желба да придонесете со некои од креативните идеи кои ги користите во вашата работа или во играта и учењето со вашите деца и ученици. Од вас ја бараме вашата креативност и способност за насоки, а ние ќе се погрижиме за илустрациите, преводот, лектурата и сите технички детали.

Со вашето одвоено време ќе помогнете во градење на отворена ризница со активности коишто ќе овозможат забавно, едуктивно и исполнето време меѓу родителите и децата од 3 до 10-годишна возраст, сега но и за сите идни генерации. Активностите во овој повик ќе бидат наменети за игра во домашни услови и ќе бидат траен дел од платформата Едуино.

За какви активности станува збор? 

Подолу ќе најдете примери од активности за учење и игра во домашни услови:

Секоја активност содржи основни информации, упатства за играње и прилози за соодветната примена или подобро разбирање.

За кого е наменет овој повик?

Повикот е наменет за сите едукатори на деца од 3 до 10-годишна возраст, вклучувајќи: воспитувачи, oдделенски наставници, педагози, психолози и специјални едукатори. Повикот е исто така отворен и за сите креативни родители и индивидуи коишто би сакале да подготват и поднесат активност. Активностите може да се подготват индивидуално или во тим.

Каде и до кога треба да се пратат игровните активности?

Вашите најкреативни и најзабавни едукативни активности за деца од 3 до 10-годишна возраст треба да ги пратите на [email protected], со назнака во мејлот: „Едукативни активности за домашни услови“. Пред праќање на активностите, Ве молиме внимателно прочитајте ги сите барања и насоки напишани подолу.

Повикот е отворен до 20 јуни. Ве охрабруваме доколку можете, пратете ни ги Вашите активностите што поскоро, со цел веднаш визуелно да ги подготвиме и објавиме. Бројот на активности коишто може да ни ги пратите е неограничен. Може да ги пратите на македонски и на албански јазик.

Активностите ќе бидат проверени, лекторирани и преведени од страна на СмартАп. Сите потребни придружни шаблони, картички и/или графики ќе бидат подготвени од наша страна, во согласност со наведените насоки и примери од поднесителите на активноста и во согласност со насоките наведени подолу во повиков.

Како да креирам една едукативна активност? Кои се насоките?

  • Технички аспекти:

Активностите е задолжително да бидат подготвени според форматот на шаблонот којшто можете да го преземете на оваа врска. На оваа врска можете да го преземете упатството за пополнување на шаблонот, којшто ќе ви служи како водилка за подготовка и подобро структурирање на вашите игровни активности.

  1. Активностите треба да бидат опишани сојасно дефинирани насоки за изведба на активноста според дадениот шаблон со пополнување на сите задолжителни полиња на шаблонот.
  2. За активностите може да ни пратите и фотографии, цртежи, врски до видеа и дополнителни шеми/шаблони за нивно подобро објаснување и нивна полесна примена. Би било многу корисно доколку успеете да ја сликате или снимите изведбата на активноста. Исто така, ако сакате, можете активноста да ја дополните и со  придружни илустрации, на пример цртеж од нив; или материјали (на пр. картички, исечоци од бои и сл.), и потребно е да наведете јасен опис за нивната подготовка од нашиот графички дизајнер. или да прикачите сопствен пример.
  • Содржински аспекти:

Пред сѐ, размислете на креативни начини на кои може да се искористи времето на родителите и децата во домашни услови. Бидете креативни, размислете како може да ја поттикнете љубопитноста на децата и обидете се активностите кои ги предлагате да имаат аспект на учење и знаење од различни области. Темата на активноста е слободна, на ваш избор, односно може да подготвите активности за рачна изработка, физичка активност, природа и наука, математика, ментално здравје и.т.н.

Што треба да имам предвид при креирање на активностите?

Има неколку работи на коишто би сакале да обратите внимание при креирањето на активностите:

  1. Да се играат во домашни услови

– изборно, може да размислите за кратки активности во природа, со мал број на учесници (на ниво на семејство);

  1. да имаат потреба од што е можно помалку ресурси и дополнителни купувања заради коишто родителите би морале да излезат од својот дом;
  2. доколку може да искористат дел од рециклажните материјали коишто се користат во домот, како на пример хартија од весници, лушпи од овошје, пластични или картонски шишиња, цилиндри од тоалетна хартија и слично;
  3. доколку е возможно, смислете активности коишто ќе може децата да ги изведуваат и изработуваат самостојно или со мала помош од родителот (во зависност од возраста).

При креирање на материјалите може да се послужите со активност којашто веќе ја имате и сте ја спроведувале на некој од часовите и да ја приспособите за родители и домашни услови, или пак да креирате нови активности коишто ќе бидат наменети за оваа пригода. Родителите ги поттикнуваме да размислат за активности коишто ги спровеле со своите деца, а кои може да ги документираат и споделат.

Како ќе бидат прикажани активностите на платформата? Како ќе изгледа таа библиотека со материјали?

Едукативните активности ќе бидат објавени во делот на платформата каде што сите корисници, родители, деца, едукатори ќе можат да ги пребараат активностите според темата, возраста, времето за подготовка и времето за реализација и слично.

Овој дел ќе биде наскоро достапен на платформата, но него можете да го видите како ќе изгледа на следната фотографија:

Благодарејќи на голем број едукатори коишто се посветија на креирање на овие едукативни активности во изминатиот период, библиотеката на почетна содржина е веќе креирана, а со ваша помош се надеваме дека оваа платформа ќе стане ризница на голем број материјали каде што одделенските наставници, воспитувачите и родителите ќе можат да пронајдат материјали и каде што ќе добијат инспирација за подобро спроведување на часовите, за примена на нови начини на учење преку игра и креативни алатки за поттикнување на социо-емоционалниот развој кај децата од 3 до 10-годишна возраст.

Информации за платформата Едуино и проектот:

Овој повик е во склоп на проектот „Создавање средина што овозможува подобрување на квалитетот на наставата и учењето преку ко-креирање и иновации“ #Inno4Edu кој е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и УНИЦЕФ. Овој проект го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации.

Доколку сакате да прочитате повеќе за проектот, следете ја следната врска.

Leave a comment