Skip links

Дигитализација на професионалниот развој на наставниците: што ни покажа пилот-фазата од проектот EmpowerED?

Во образовниот систем, професионалниот развој на наставниците често се доживува како административна обврска, наместо како можност за вистински раст. Проектот EmpowerED беше создаден токму со цел, да го промени овој пристап – преку дигитализација, поедноставување и поставување на наставникот во центарот на процесот со помош на дигиталната алатка за планирање на професионалниот развој.

Од формална процедура до смислено дигитално искуство

EmpowerED има за цел да го модернизира процесот на самопроценка и планирање на професионалниот развој на наставниците во Северна Македонија. Наместо рачен, хартиен и временски обемен процес, проектот воведува дигитална, кориснички ориентирана платформа која им помага на наставниците да:

  • идентификуваат реални развојни потреби,
  • размислуваат структурирано за своите професионални компетенции и
  • креираат персонализирани планови за професионален развој, усогласени со нивниот контекст и пракса.

Овој пристап не само што го намалува административниот товар, туку го става во центарот наставникот и неговите реални професионални потреби, што директно придонесува кон унапредување на наставната пракса.

Што сака да постигне EmpowerED?

Проектот има повеќеслојна цел. Од една страна, дигиталната алатка за планирање на професионалниот развој им помага на наставниците да имаат појасна слика за сопствениот професионален развој. Од друга страна, таа обезбедува вредни и ажурирани податоци на училишно и институционално ниво, кои можат да се користат за:

  • зајакнување на улогата на тимовите за професионален развој,
  • подобро планирање на училишните и националните обуки,
  • носење одлуки засновани на реални потреби, а не на претпоставки.

На овој начин, дигиталната алатка за планирање на професионалниот развој претставува поддршка и за наставниците и за образовните институции.

Пилот-фазата во бројки: што покажа тестирањето на алатката?

Пилот-фазата на проектот беше насочена кон реално тестирање на алатката во училишната пракса, со цел да се провери нејзината функционалност, јасност и применлива вредност. Во тестирањето беа вклучени 20 пилот-училишта од различни региони низ земјата, што овозможи добивање на релевантна и разновидна повратна информација.

Клучни резултати од пилот-фазата:

  • 20 пилот-училишта активно ја користеа алатката
  • 1.290 наставници учествуваа во процесот на самооценување
  • 1.240 наставници (96,1%) успешно изготвија Личен план за професионален развој (ЛППР)
  • Над 80% од наставниците ја оценија алатката како јасна, интуитивна и корисна
  • 93% од наставниците изјавија дека алатката ја зголемила нивната мотивација за внимателно и темелно изготвување на ЛППР

Овие податоци јасно укажуваат дека дигиталниот пристап не само што го олеснува процесот, туку и ја зголемува ангажираноста и одговорноста на наставниците кон сопствениот професионален развој.

Што значи EmpowerED за наставниците?

За наставниците, алатката претставува практична поддршка што им овозможува:

  • јасно да ги согледаат своите силни страни и области за унапредување;
  • да поврзат конкретни компетенции со реални цели за развој;
  • да изготват смислен и применлив ЛППР, наместо формален документ.

Високиот процент на успешно изработени планови и зголемената мотивација покажуваат дека дигиталната алатка го трансформира изготвувањето на Личниот план за професионален развој од административна обврска во алатка за личен и професионален раст.

Придобивки за училиштата: од индивидуални планови до стратешко планирање

Дигиталната алатка има значајна вредност и на училишно ниво. Преку агрегирани податоци и систематски увид во процесите, алатката им овозможува на училиштата и тимовите за професионален развој:

  • континуирано следење на професионалниот развој на наставниот кадар;
  • подобра анализа на потребите и насочено планирање на обуки;
  • полесна и пообјективна подготовка на годишниот план за професионален развој.

На овој начин, индивидуалните ЛППР стануваат основа за координиран и стратешки развој на училиштето.

Вредност за БРО и МОН: податоци што ја поврзуваат праксата со политиките

На национално ниво, дигиталната алатка обезбедува значајна поддршка за Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука преку:

  • пристап до агрегирани податоци за реалните потреби и приоритети на наставниците;
  • дигитализиран и пообјективен увид во трендовите на професионален развој;
  • подобра основа за креирање и унапредување на програмите за обука;
  • посилна поддршка при евалуација и подобрување на системот за професионален развој.

Со ова, податоците од училиштата стануваат алатка за носење информирани одлуки и креирање политики засновани на реална пракса.

Искуства од практичното тестирање на алатката

Наставници и училишното раководство од ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола преку видео сведоштва ги споделија своите искуства од користењето на дигиталната алатка за планирање на професионалниот развој, дополнително потврдувајќи ја практичната вредност на алатката – и за индивидуалниот развој и за развојот на училиштето во целина.

Учесници прикажани во видео сведоштвото:

  • Оливера Шиклеска Грозданова, наставник по информатика и училишен администратор на дигиталната алатка (ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола)
  • Невенка Иванова Толеска, одделенски наставник (ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола)
  • Наташа Тодоровска, одделенски наставник и претседател на Тимот за професионален развој (ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола)
  • Билјана Темелкова, директор (ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ – Битола)

Заедно кон подобар систем за професионален развој

Резултатите од пилот-фазата покажуваат дека дигиталната алатка има потенцијал да стане клучна алка во националниот систем за професионален развој на наставниците. Со наставникот во центарот, со поддршка за училиштата и со податоци корисни за институциите, алатката придонесува кон поосмислен, поефикасен и поодржлив пристап.

Заедно градиме подобар систем за професионален развој.

Партнери

Овој проект е возможен благодарение на стратешкото партнерство со Детската Фондација Песталоци, која обезбедува не само финансиска поддршка, туку и стратегиско водство и поддршка во управувањето со проекти, и исто така го поддржува развојот на организациските капацитети на нашата организација. Активностите спроведени во рамки на проектот „EmpowerED – дигитално самооценување на наставници и план за професионален развој“ се поддржани од Бирото за развој на образование и Министерството за образование и наука , а се имплементираат од СмартАП – лабораторија за социјални иновации, Скопје.

Leave a comment