Skip links

ЕДУИНО – Две години подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации

 Да  бидете двигател на промени во општеството бара да поседувате визија, дисциплина, истрајност и голема верба дека промената ќе стане реалност. Како ние заедно со нашите партнери и поддржувачи две години создаваме промени во образованието – ќе ви раскажеме во текстот подолу.

 

Детектирањето на предизвикот на дигитализација во образованието кој се појави со почетокот на пандемијата во 2020 година, беше поттик за преземање иницијатива за негово подобрување преку ко-креирање и иновации. Тимот на СмартАп – Лабораторија за социјални иновации – веќе две години е дел од тимот кој гордо го спроведува проектот ЕДУИНО: Колективно подобрување на образованието преку кокреирање и иновации чии зачетоци се создаваат во 2019 година, иако неговото официјално лансирање е во март, 2020 година.

Што е ЕДУИНО?

ЕДУИНО е решението на предизвикот со кој пред две години се соочи образованието, заедно со сите негови ентитети. ЕДУИНО е колективен портал за подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации и претставува можност за поттикување на промените во нашето општество почнувајќи од нашата заедница.

Всушност, ЕДУИНО е дигитална платформа со содржина креирана од заедницата за заедницата, богата со образовни ресурси наменети за професионален развој на образовниот кадар, како и за личен раст и развој на децата.

Проектот „ЕДУИНО: Колективно подобрување на образованието преку ко-креирање и иновации“ е во сопственост на Бирото за развој на образованието (БРО), а истиот е финансиран од Владата на Обединетото Кралство преку Амбасадата на Велика Британија во Скопје, со поддршка од УНИЦЕФ, Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Министерството за образование и наука (МОН). Проектот го спроведува нашата организација СмартАп – Лабораторија за социјални иновации, а наши соработници се SyNRG – Software & IT Solutions и ФИНКИ – Факултет за Информатички науки и компјутерско инженерство. 

Како започна процесот?

Мапираните предизвици што се појавија во тој период ја наметнаа потребата за сплотување и наоѓање заедничко решение за нивно надминување, па оттука клучните елементи на ЕДУИНО се токму колективноста и иновациите – бидејќи знаеме дека можноста за остварување на целите е поголема само преку преку процес на заедничка работа и ко-креирање.

Главниот предизвик беше дигитализација на образованието на најефективен и најефикасен начин. Започнавме со поддршка на просветните работници во процесот на подобрување и усовршување на нивните дигитални вештини, како и создавање ресурси за поддршка на наставата од далечина. 

На самиот почеток содржината која беше поставена на ЕДУИНО порталот (првите снимени видеолекции) беа креирани од самата заедница – наставниците, кои на волонтерски начин се вклучија  во овој процес со цел помагање на останатите колеги и деца за полесно совладување на наставниот материјал во период на дигитализација на образованието и учење од далечина.

Водени од желбата ЕДУИНО порталот да биде расадник на нови идеи, ресурси и иницијативи, денес гордо можеме да кажеме дека преку ко-креирање, две години успеваме во мисијата колективно да го подобриме образованието.

 

Како трајно го подобруваме нашето образование?

Благодарение на посветеноста на нашиот иновативен тим, како и поддршката и иновативноста на сите ко-кретори, ЕДУИНО Колективниот портал за дигитални содржини брои значајни иницијативи и кампањи кои претставуваат различни видови ресурси и се од траен карактер.

  • ЕДУИНО-видеолекции – достапни над 4 600 видеолекции – ресурси наменети за предучилишно, основно и средно образование, со над 25 000 членови кои секојдневно си помагаат едни со други;
  • ЕДУИНО-амбасадори – иницијатива преку која се уважува придонесот на најпосветените едукатори кон развојот на платформата и збогатувањето на нејзината содржина. Оваа иницијатива  денес брои вкупно 75 члена – 75 ЕДУИНО Амбасадори;


Трета група ЕДУИНО Амбасадори, јуни 2022

„Професионалната заедница ЕДУИНО-амбасадори постојано се надоградува преку различни обуки и конференции, а нејзините членови развиваат меѓусебна соработка и дружба – а тоа е клучен показател кон оствратување на целта воведување иновации преку кокреирање.“ – ни раскажа Ангела Зафировска, менаџер на ЕДУИНО-заедниците.

  • ЕДУИНО-вебинари – онлајн настани за професионален раст и развој на едукаторите, досега спроведовме вкупно 32 вебинари со околу 52 000 слушатели, при што во склоп на овие онлајн настани издадовме околу 55 000 сертификати за стекнати знаења и применети вештини на одредени теми;


Промоција за третиотрет серијал ЕДУИНО Вебинари, мај 2022

„Преку проектот ЕДУИНО имам можност со помош на моето искуство директно да учествувам во надминувањето на предизвиците на учениците, наставниците, а секако и родителите. Една од активностите што ми е најдрага се ЕДУИНО-вебинарите, кои според нашата статистика се најгледаниот серијал вебинари во државата. Бројките како и пофалните зборови од членовите на нашата заедница, која од ден во ден се зголемува, едоволен мотив да продолжиме со серијалите на ЕДУИНО-вебинари.“ – вели нашиот проектен менаџер Милена Игњатова.

  • ЕДУИНО-игратон – креативен предизвик за учење и игра со цел поддржување на родителите, воспитувачите и оделенските наставници, со можност за имплементирање во домашни услови, градинки и училишта. Досега одржавме три креативни предизвици на кои учествуваа над 300 учесници и беа изработени над 1 500 игровни акривности.


Фотографија од ЕДУИНО-игратон, изведба на едукативни игровни активности во училиште, февруари 2022

Креативниот предизвик – ЕДУИНО Игратонот – секој пат ги надминува нашите очекувања. Бројот реализирани активности, вклучени семејства, градинки и училишта е навистина за восхит, но она што најмногу сакаме да го посочиме се насмевките на детските лица. Нивните насмевки и радост се наша мотивација да продолжиме да ја шириме убавината на учењето преку игра!“ – ни раскажаа Соња Чаловска и Весна Пецева, тим-лидери и координатори на ЕДУИНО-игратон.

  • ЕДУИНО Ран детски развој – платформа наменета за поттикнување на раниот детски развој кај деца на возраст од 3 до 10 години. Преку двата отворени повиици за поднесување едукативни игровни активности, во периодот од 2022 до 2022 вкупно беа поднесени 1 353 активности, од кои 75 се достапни на платформата ЕДУИНО Ран детски развој, и на македонски и на албански јазик. Вкупниот број на достапни едукативни игровни активности на платформата Ран детски развој изнесува 630 – број кој постојано се зголемува.
  • ЕДУИНО 2Д Лабораторија – виртуелна 2Д лабораторија која нуди поддршка на сите кои сакаат да го прошират своето знаење од областа на групата природни науки преку искуственото учење со посебно внимание на климатските промени и заштитата на животната средина. Истата претставува дополнителен ресурс која ќе може да се применува од страна на едукаторите во секојдневната настава и од страна на учениците (со или без поддршка на родителите) при совладување на наставниот материјал.

Што вели нашиот тим за постигнатите резултати и што претставуваат тие за нив?

Во периодот од овие две години како тим остваривме резултати на кои сме навистина горди. Позитивниот импакт кој го правиме во нашето општество ни дава елан за работа, мотивација и поттик да продолжиме да воведуваме трајни иновации.

„Ваквата заедница комбинирана со неверојатната посветеност на тимот кој неуморо работи на проектот (и со кој сум неизмерно горд) и со одличната соработка со партнерите и институции донесе до резултатите кои ги имаме во моментов и се надевам дека ќе бидеме позитивен пример, не само тука, туку и во светот, за да можат и другите да го следат нашиот пример.“ – вели Александар Лазовски, ко-основач и програмски менаџер во СмартАп.

Едно од поголемите достигнувања кое му овозможи на ЕДУИНО да биде препознатлив на интернационално ниво е тоа што се најдовме на листата на HundrED за најдобри 100 иновации во образованието во светот за 2021 година.

Успеавме да се впишеме во извештајот на HundrED за најдобри 100 иновации во образованието во светот за 2021 година. Ова е меѓународна потврда за потенцијалот што го има овој проект, а неговата значајност ја препознаа и сите оние што го изгласаа овој портал во категоријата „Најпопуларен сајт за образование, наука и култура“, па го освоивме третото место во рамките на манифестацијата „Сајт на годината“ во организација на Медија солушнс.“ – вели Маја Илиоска, Маркетинг менаџер.

Дел од тимот на СмартАп, тимот на ЕДУИНО и ЕДУИНО Амбасадорите на Конференцијата „Врската меѓу добросостојбата на децата и нивните постигнувања“ во органзиација на УНИЦЕФ, 2022 година

Особено сме горди на поттикот кој го дадовме и беше ентузијастично прифатен со голема поддршка од страна на сите чинители во овој процес, а како организација предводена од идејата да ги инспирираме и зајакнуваме организациите и луѓето со цел решавање на општествените предизвици – посебно сме горди што „ЕДУИНО – Колективниот портал за дигитални содржини“ се заснова на ко-креирање, вмрежување на актери-учесници во процесот со цел заедничко постигнување и имплементација на решение од траен карактер.

Leave a comment